На 63 години го освои светот – Сашко Кедев Влезе во Гинисовата книга на рекорди како највозрасен човек кој ги искачил сите 14 врвови над 8.000 метри
Македонскиот кардиолог и алпинист Сашко Кедев испиша нова страница во светската планинарска историја. Гинис официјално го впиша неговото име како највозрасен човек кој ги искачил сите 14 планински врвови во светот повисоки од 8.000 метри.
Кедев имал 63 години и 14 дена кога на 20 јули 2025 година го освоил Гашербрум I, висок 8.080 метри, во Пакистан. Со ова искачување го завршил еден од најтешките предизвици во светскиот алпинизам и станал првиот Македонец кој ги искачил сите 14 врвови над 8.000 метри.
Неговиот пат кон светскиот рекорд започнал во мај 2009 година, кога се искачил на највисокиот врв на планетата – Монт Еверест. Од тој момент, во период од нешто повеќе од 16 години, Кедев постепено ги освојувал највисоките и најпредизвикувачките планини во светот.
Меѓу најзначајните подвизи се искачувањето на К2 и Броуд Пик во јули 2022 година, кои ги освоил во временски период од само една недела. Во текот на 2024 година успеал да искачи уште четири врвови, додека во 2025 година ги освоил Канченџунга и последниот врв на листата – Гашербрум I.
Особена тежина на признанието му дава фактот што Гинисовата книга ги признава само искачувањата до вистинската највисока природна точка на секоја планина. Потврдата за подвигот ја дал и германскиот експерт Еберхард Јургалски, консултант на Гинис за планинарски рекорди.
Но, ова не е единствениот рекорд на македонскиот алпинист. Гинис го евидентира Кедев и како највозрасен човек кој ги реализирал двата големи планинарски предизвика – искачувањето на сите 14 врвови над 8.000 метри и освојувањето на највисоките врвови на сите седум континенти.
Предизвикот „Седум врвови“ го завршил уште во 2011 година, со искачувањето на Пунчак Џаја во Океанија.
Неговиот успех претставува исклучително достигнување не само во светскиот алпинизам, туку и голема гордост за Македонија. Кедев, кој покрај алпинизмот е истакнат кардиолог и професор, со својот подвиг покажа дека упорноста, дисциплината и посветеноста можат да ги поместат границите на човечките можности.
За своите заслуги во медицината и историскиот алпинистички успех, во ноември 2025 година беше одликуван со Орден „8 Септември“ од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
При доделувањето на признанието, Кедев истакна дека успехот го доживува како национален подвиг, посветен на сите граѓани на Македонија и Македонците ширум светот.
„Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот“, порача Кедев.
Со официјалното признание од Гинисовата книга на рекорди, Сашко Кедев го потврди своето место меѓу најуспешните алпинисти во светот, а македонското знаме го однесе на сите 14 највисоки планински врвови на планетата.


