(видео) Такси-превозот во Прилеп доби нови правила, но останаа неодговорени прашањата за цената и експертската анализа
По усвојувањето на измените на Одлуката за авто-такси превоз на 21. седница на Советот на Општина Прилеп, претседателката на Советот Билјана Кржеска, заедно со неколку такси-превозници и советници од мнозинството, одржа прес-конференција на која ги презентираше новите правила за вршење на оваа дејност.
Со измените се предвидуваат 10 такси-станици со вкупно 36 паркинг-места, најмногу 200 лиценцирани такси-возила, унифицирани ознаки за нивна идентификација и нови тарифи. Цената ќе изнесува 35 денари за изминат километар, со заштитна цена од 80 денари за возење до еден километар и 300 денари за еден час чекање. Примената на новите правила е предвидена од 1 јануари 2027 година.
Но, на самата седница, покрај поддршката за потребата од уредување на такси-превозот, беа отворени и неколку прашања на кои советниците не добија конкретни одговори.
Советничката Мирјана Стеваноска посочи дека истиот предлог за регулирање на такси-превозот беше поднесен и на претходната седница, од неа и советникот Жарко Стеваноски, но тогаш мнозинството не го прифати.
Прашањето за утврдувањето на цената го отвори советничката Сузана Даркоска. Откако претседателката Кржеска изјави дека цената е утврдена врз основа на експертска анализа, Даркоска побара документот да им биде доставен на советниците.
Таа праша и како е можно експертската анализа да резултира со точно истата цена што претходно ја бараа такси-превозниците.
Одговорот на претседателката беше дека анализата не може да биде доставена затоа што лицето задолжено за неа не беше присутно на седницата.
Дополнително прашање постави и советникот Александар Китановски. Тој побара објаснување како е можно такси-превозниците да ја применуваат новата цена уште од декември минатата година, иако одлуката со која таа се утврдува беше донесена дури сега. И ова прашање остана без конкретен одговор.
Така, одлуката која треба да воведе ред во такси-превозот во Прилеп беше усвоена со 17 гласа „ЗА“, но дискусијата отвори прашања за нејзината подготовка, начинот на утврдување на тарифите и времето од кога тие фактички се применуваат.
Дали експертската анализа навистина ја утврдила цената од 35 денари за километар и кои аргументи стојат зад неа, останува да се види откако документот ќе им биде достапен на советниците.
Уредувањето на такси-превозот е потребно. Но, кога се носат правила што директно влијаат врз граѓаните и врз работата на такси-превозниците, потребно е да бидат јасни и аргументите врз основа на кои тие се донесуваат.


