СУБВЕНЦИИ ОД 6000 ДЕНАРИ ЗА ПОЛАГАЊЕ НА ВОЗАЧКИ ИСПИТ (ВИДЕО)
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, најави дека општината ќе обезбеди субвенции од 6.000 денари за младите кои сакаат да полагаат возачки испит.
Оваа мерка доаѓа како одговор на актуелниот проблем со недостиг на испитен центар во Пелагонискиот регион. Веќе три месеци нема активен испитен центар во овој регион откако истече лиценцата на претходниот оператор, а Министерството за внатрешни работи сè уште не избра нов управувач со центарот.
Поради ова, кандидатите за возачка дозвола од регионот на СВР – Битола се приморани да патуваат во други градови како Кичево, Охрид и Кавадарци, што претставува дополнителен финансиски товар.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски во денешната ФБ изјава „Уште еден важен проблем од кој е засегната Битола, но и регионот е испитниот центар за полагање на возачки испит.
На оваа тема, разговарав со Министерот Панче Тошковски и побарав најбрзо можно завршување на постапката. За жал, административните процедури, го одолговлекуваат овој процес, кој е од големо значење за сите идни возачи и затоа лично ќе се заложам колку е можно побрзо да заврши оваа постапка, согласно законските рокови.
Ќе ја поддржам секоја иницијатива која ќе биде предложена како времено решение, за што ќе одржам состанок со координаторите на сите советнички групи. Го поздравувам предлогот на СДСМ за 3000 денари субвенција за оние кои полагаат во соседните градови, но имајќи ги предвид трошоците на кои ќе бидат изложени кандидатите, сметам дека оваа поддршка треба да биде двојно поголема. Деталите околу поддршката ќе ги прецизираме после денешниот состанок со претставниците на авто школите и одржаниот состанок со координаторите на советничките групи, за да можеме да планираме и соодветен буџет на седницата за ребаланс на Буџетот.“ изјави градоначалникот Коњановски.