СОУ „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“ ОБЈАВУВА КРЕАТИВЕН КОНКУРС „ЈЕЛЕНА КРСТИЌ“

Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Прилеп, во соработка со Активот по Текстилство и професорите Здравка Најдоска, Наташа Мирческа и Марта Макеска, го објави Креативниот конкурс „Јелена Крстиќ“ под инспиративната тема: „Природата – инспирација за модна илустрација“.

Конкурсот е посветен на поранешната ученичка Јелена Крстиќ и има за цел да ја популаризира модата, модниот дизајн, како и да ги промовира талентот, креативноста и вештините на учениците во областа на визуелните уметности.

Право на учество имаат:

  • Средношколците од прва до четврта година од сите квалификации во СОУ „Ѓорче Петров“.
  • Учениците од основните училишта (од 6-9 одделение) од подрачјето на град Прилеп и општина Долнени.

Основен услов е учесниците да покажуваат афинитет кон дизајн и работа со различни ликовни техники.

Учениците треба да изработат и достават моден цртеж користејќи техника по слободен избор, илустрирајќи ја зададената тема.

Творбите мора да ги содржат следните податоци: име и презиме на авторот, училиште (за основците) и паралелка.

Конкурсот е веќе отворен и трае до 12 декември 2025 година.

Изработените творби треба да се достават до одговорните професори во училиштето, додека фотографии од истите да се испратат на следната електронска адреса: konkursgjce@gmail.com.

За авторите на најдобрите творби во двете категории (средношколци и основци) предвидени се симболични награди.

Слични Објави