СКРМ објави осум нови судски пресуди

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денеска објави осум нови судски пресуди, со кои, како што наведуваат, недвосмислено се потврдува дека Министерството за култура, заедно со министерот, ги прекршувало законите и колективните договори во однос на правата на вработените во културата.



Од СКРМ посочуваат дека и покрај обидите овие пресуди да бидат релативизирани, оспорени или јавно омаловажени како „изнудени“, „донесени на начин како што се донесени“ или „без вештачење“, нивната правна сила е неоспорна.

„Игнорирањето и омаловажувањето на судските пресуди не ја менуваат нивната суштина. Тие претставуваат јасен доказ за системско непочитување на правото и за сериозен недостиг од институционална одговорност во областа на културата“, реагираат од синдикатот.

Според СКРМ, овие пресуди ќе останат како сведоштво за период во кој законите се толкувале селективно, а културниот сектор бил третиран како простор за самоволие, наместо како јавен интерес што заслужува заштита и почитување.

Од синдикатот најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со јавно објавување на сите релевантни судски одлуки и со борба за почитување на законите и правата на културните работници.

Слични Објави