СИЛЈАН ШТРКОТ ПО ПЕТТИ ПАТ СЛЕТА ВО ПРИЛЕП
Со претставата „Убавицата и ѕверот“, денеска во театарот „Војдан Чернодрински“ започна петтото издание на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“. Во текот на фестивалот, кој ќе трае до сабота, детската и младинската публика ќе има можност да ужива во пет претстави наменети за деца и млади: „Убавицата и ѕверот“, „Чернодрински се враќа дома“, „Бременски музиканти“, „Сомнително лице“ и „Книголандија“. Дополнително, ќе бидат организирани работилници кои ќе им помогнат на децата да се запознаат со уметничките елементи за создавање театарска претстава.
Организатори на фестивалот се Здружението за култура, уметност и социјално претприемаштво Прилеп и актерките Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумоска.
„Веќе пет години, театарскиот фестивал ‘Силјан Штркот’ претставува значаен културен настан кој го збогатува културниот живот на најмладите. Фестивалот придонесува за развој на децата, збогатувајќи ги нивните образовни и креативни способности, социјални вештини, емотивна интелигенција и критичко размислување“, изјави Спиркоска Илијеска.
Фестивалот е важен за продолжувањето на традицијата на промовирање на детскиот театар.
„Секојдневно организираме посети на градинки за да ги вклучиме најмалите во интерактивни активности и игри. Работилниците што ги нудиме оваа година опфаќаат различни уметнички дисциплини, како танц, ликовна уметност и драмска култура, со цел да ги запознаеме децата со основните принципи на уметноста“, додаде Ангела Наумоска.
Фестивалот ќе заврши со семејна забава и концерт на „5+ Бенд“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура