Шарен мурал од младите ја разубави Золошката градина
Зоолошката градина во Битола доби ново, шарено катче благодарение на креативноста на учениците од ОУ „Елпида Караманди“. Под водство на нивната наставничка по ликовно образование, младите битолчани изработија голем мурал инспириран од животните и природата, во кој внесоа боја, радост и порака за љубов и грижа кон живиот свет.
Дел од муралот се и обоени отисоци од дланките на учениците, наставниците и посетителите што се приклучија на акцијата. Симболично, тие оставаат трага на заедништво и заштита на животната средина.
На промоцијата присуствуваа директорката на училиштето и дел од наставниот кадар, како и градоначалникот на Битола и директорот на Зоолошката градина, кои ја поздравија иницијативата и ја истакнаа важноста на ваквите акции за разубавување на јавните простори.
За време на посетата на Зоолошката градина, претставниците на локалната самоуправа, предводени од градоначалникот, заедно со директорот на Зоолошката градина, разговараа за тековните активности и планови за идниот развој на овој значаен простор. Во фокусот беа двата нови проекти кои ќе се реализираат со поддршка од Унгарскиот кредит преку Владата на Република Македонија; Изградба на ново живеалиште за копитари во вредност од 9.634.336 денари и Изградба на современ терариум во вредност од 8.994.667 денари.
Со овој уметнички потег, Зоолошката градина стана побогата за едно ново и весело катче кое ќе ги радува посетителите, особено најмладите.



