|

Се иселуват сите, нека се исели и моето

Холандскиот амбасадор во Македонија, видно изнервиран и фрустриран од нашите легендарни правдања за јавашлукот, неработата и криминалот, кажа една вистина, која ние Македонците не сме спремни да ја прифатиме, иако знаеме дека е точна: Ние измислуваме правдања, наместо нешто да сториме за себе. Оваа констатација на амбасадорот Дирк Ван Коп, која требаше да ја разбереме како силна услуга, нам не нѝ одговара, затоа што има последици, а ние последици и обврски не сакаме. Додека сме во слободен пад кон дното на амбисот, велиме „засега е добро“.

Ниту постојаното иселување на нашите деца за нас не е ништо драматично. Важно е дека и децата на другите се иселуваат, па „ако се иселуваат и другите, нека се исели и моето“. Каде сите Турци – таму и Асан. Да сме имале поговорка со македонско име – ќе ја употребевме, но во минатото Македонците не патувале многу, затоа што сме биле раја – врзана за земјата и за своето бегче. Кога тоа со векови не нѝ сметало, имало и причини за тоа. Причината лежи во самопознанието кои сме и какви сме. Ние предсвесно (не подсвесно) сме знаеле дека уште поопасна од ропството е слободата. Не е за стока слобода, затоа што е слободниот дивјак опасен за својата околина и таа прва страда од ненадејното осилување на некој свој припадик, дали заради пари и имот, дали заради некоја форма на власт (падар, пољак, крсердар, баждар, поп, учител…) или близина со моќен човек. Затоа мора да се контролира и кочи секој близок „да не оди напред“, несреќата да ја делат сите, а среќа да не се дозволува, оти среќата е мајка на сите погроми и несреќи.

Да е едноставно – не е! Тоа е етнопсихологија на еден народ, од која произлегува сè и развој и систем и институции и односи во универзитетите и вредностите и однесувањето. Ние таа „колективна психа“ ја примаме од раѓањето и веќе до седмата година од животот, тој процес е комплетиран. Понатаму, сè е само шминка.

Одењето напред е можно само со иселување. Полесно е во Австралија да направиш светски бизнис, отколку во селото (читај и македонските градови, кои се само поголеми села) да прифатат дека не си повеќе говедар или дека со работа и памет сѝ спечалил. Ако е промената направена со смеќарлак, лага, измама, кодошење, нечест – полна капа! Постои објаснување, кое влегува во графата „снајдување“, па не е проблем. Печалење со мудрост, иновација и умствен труд е нешто непознато, а сите знаат дека „од работа – само грпка“.

Овој опасен и погубен синдром на скоро сите балканци, изразен во стотини народни поговорки за неделување, пасивност и мирување, кој се движи од „ќути си трај сѝ“, „наведната глава сабја не ја сече“, „јазикот коски нема, ама коски крши“, па до „не се мавтај кај што се бричи кадија“ и „мирна вода брег рони“, ни дојдоа до ак.  Има и помодерни изреки, како „за идеале гину будале“, „шо те гледам будала, работиш – а не мораш“, „сине ти гледај да се мушнеш, да се снајдеш“, „левото око да не знае што гледа десното“, кои истото го сугерираат. Олку мудар народ не треба да се плаши за својата иднина, затоа што ја нема!!!

Зад сето тоа не се крие уплашен народ и тоа можете да го видите кога возите автомобил, со комшијата терате кавга за нешто, кога се паркирате, одите преку ред во банка или фаќате врски. Тепачката, навредите и агресијата ви е загарантирана. Толку агресивен  народ не може да биде (само) уплашен, а и да е уплашен, тоа не е од закана, туку од нешто друго. Овој народ би се борел, но нема заради што. Таква вредност нам нѝ е непозната и важи народната „после Мурто – Курто“. Дури и партиската борба, во свеста на обичен партиски апаратчик, е борба на две замислени племиња, кои се борат за превласт и за сопствена идентификација. Да ја нема партијата, тие не би имале со што да се идентификуваат. 

Другото е нормалноста на криминалот и беззаконието, кое е дел од секое „снајдување“ (неодење по законски пат). Така, ние сме се снашле за да го украдеме тротоарот и да го оградиме, па да сѝ го легализираме и приватизираме, да изградиме – па да легализираме, да земаме социјална помош, земјоделски субвенции и сијасет други „државни давања“ – а немаме право на тоа,  да купиме диплома – без ниту капка знаење, да станеме директори на институции – за кои ниту знаеме што работат, да им поправаме оценки на дечињата, да си земеме бугарски пасоши, а овде да прокламираме патриотизам од најнизок вид, оној ѕвездовирџинискиот, да узурпираме државно и општинско земјиште, да увезуваме текстил на кило, а потоа да подмитуваме инспектори за да не платиме висок данок, да загадуваме кај сакаме, да не издаваме фискални сметки, да продаваме еколошки дозволи, елаборати, лиценци, да се вработуваме во институциите за да бидеме цел ден на фејсбук и инстаграм, да ги враќаме граѓаните на шалтерите, да воведеме електронски услуги, кои не работат, да се фалиме со несработеното, да се китиме со туѓи перја… Поинаку: Секој е во некое правдање, секој краде што може, секој „се снајдува“ како знае. Така, не треба да чуди фактот што не сакаме промени и одење напред, затоа што сме сите во системот на ситно – крупен криминал, клептоманија, незаконитост. На сите нѝ се какани газињата, па молчиме.

Молчиме и заради тоа што многу нешта, за кои „сме се снашле“, оделе преку партиите. Тие знаат што сториле за нас и сега нè држат за муцка“. Дали е царот гол? Гол е, но кој да каже? Ако каже, тоа е партиска пропаганда, а ти си партиски човек или „сѝ сменил страна“. Партиите тоа го знаат, знаат дека нема да имаме граѓански консензус, затоа што и не е важно зошто дијагнозата е добро позната: не чини, катастрофа сме, не нè бидува, лоши сме – но другите се и беа полоши и „ти да не си поарен“. За нас се бизнисмените лопови, неплаќачи на своите работници, изроди – на кои „господ ќе им плати за тоа што го прават“, а професорите се незнајковци со докторати. За нас се иноваторите нешто неразбирливо и гледаме одма да ги заборавиме после првата и единствената фалба. За нас е успехот инцидент, кој несакајќи се случил, оти „некој така сакал“.

Македонското средновековно село, со сета гнасотија, простотија и племенска свест вришти од нас на секој чекор: Ако е лошо! Додека е лошо за сите – добро е! Сакаме вистина, но кој си па ти да ја кажеш, вошло еден? „Таа мене ми го дава да го подржам копилето, за да ѝ кажела на копилешката“. Нека се сели и моето, како што и другите прават, па нема ние да бидеме поназад. Дека постои сеопфатен натпревар „да ти покажам кој сум јас“, па било преку автомобили, накит, саатови, мобилни телефони, фејсбук дебилизми, нишање со дебелите задници или преку функции и демонстрација на богатство, за нас не е важно. Тоа е современо и привремено. Тоа е младелачки хир, додека „не сфати детето дека не се јаде се што лета“.

Наместо да појдеме во општинските сали и да започнеме да ставаме ред, да вршиме притисоци, да се организираме како граѓани „за напред“ и „за добро“, да започнеме да прашуваме кој учел за тоа, кој знае и сака да каже, наместо да ислушаме, па да даваме судови, наместо да сѝ ја чукнеме малку главата и да сѝ речеме дека ние немаме друг избор, освен да ги менуваме работите заради нас – самите, наместо да ги „дигаме на клоци“ на тоа фејсбуците и инстаграмите сите, кои функцијата ја сфатиле како партиска обврска, па да видат дека ќе паѓаат на следните избори, ние итаме по партиите и ги спремаме идните „снајдувања“ и калкулираме како проститутки во темница, колку чини да „се наместиме“.

А нашите власти, тие мафијашки банди на непрокопсани и малоумни криминалци? Тие се „надвор од приказната“, оти „се снашле“, „веќе се наместиле“, оти „некој така сакал“. Тие се легални, иако се (така ги нарекуваме во настап на очај) лигуши, мајмуни, дебили…. кои сепак, „сѝ ја тераат работата“, додека ние „сѝ периме пелени“.  Тој „некој“, кој ги местел, е поранешен удбаш, комунистите, од тајните служби, од партиите, од Егејците, од Власите, од Малешевците, од Струмичаните, од Заевци, од Груевци, од амбасадите, од Америка, од ЕУ, од НАТО, од Русите, од некој клан, од мафијата, или е едноставно „продадена душа“… Не е од Бога, тоа никако не! Нам Бог ни е потребен само за клетви и за здравје, напредок и среќа. За нас Бог со овој свет нема никаква врска и тој нам ни е ритуал помеѓу две секојдневни дивеења, незаконити дејствија, омаловажување на колеги или колнења.

А останатото? Просто, „Јас сум роден ваков, со што се правдаш ти“?

Александар Цветкоски (Авторот работи на јавно застапување)

Слични Објави