Комфи Ангел продолжува со поддршката за најдобрите студенти во Прилеп
Компанијата „Комфи Ангел“ и оваа година продолжува да ги поддржува најуспешните студенти на Економскиот факултет во Прилеп, доделувајќи стипендии како поттик за нивниот академски развој и професионално усовршување.
На свечената седница по повод првиот академски час, работодавачот на „Комфи Ангел“, Ирена Јакимовска, пред студентите ја истакна определбата на компанијата да инвестира во младите и во идните генерации, кои во иднина ќе имаат значајна улога во деловната заедница.
„Секогаш ќе инвестираме во идните генерации, кои ќе бидат носители на нашата корпоративна култура“, порача Јакимовска, обраќајќи им се на студентите.
Во своето обраќање, таа посочи дека стекнатото знаење е важна основа за градење успешна професионална кариера, но дека покрај образованието, особено значење имаат моралот, етиката и интегритетот.
Јакимовска им порача на студентите дека во градењето на личниот и професионалниот пат треба да ги негуваат вредностите што ги носат од своите семејства, почитувајќи го сопствениот интегритет, како и интегритетот на академските работници кои им го пренесуваат знаењето.
Преку стипендирањето на најдобрите студенти, „Комфи Ангел“ продолжува да ја потврдува својата поддршка за младите, образованието и развојот на идните професионалци, како дел од пошироката определба за вложување во заедницата и човечкиот потенцијал.


