Поранешниот градоначалник на Крушево се повлекува од политичките функции и се враќа во МВР
Поранешниот градоначалник на Крушево Томе Христоски официјално ја информираше јавноста дека ја започнува постапката за враќање на своето работно место во Министерството за внатрешни работи, каде што беше вработен пред влезот во локалната самоуправа.
Како што посочува, одлуката произлегува од законските одредби кои забрануваат вработените во МВР да бидат членови на органи и тела на политички партии. Во согласност со тоа, тој поднел повлекување од сите политички функции.
„Одлуката ја носам со почит кон институциите и целосна одговорност кон законите. Никогаш не сум имал намера да дејствувам спротивно на прописите или да бидам дел од какви било политички калкулации“, истакнува поранешниот градоначалник, нагласувајќи дека политиката за него била алатка да се помогне на граѓаните, а не средство за лична корист.
Тој се заблагодари за довербата и поддршката во периодот додека ја извршувал функцијата, оценувајќи дека работел чесно, транспарентно и со почит кон секој жител на Крушево. „Се повлекувам со чисто лице и подигната глава. Зад себе оставам реализирани проекти и иницијативи во интерес на една мала, но значајна општина. Не сум сторил ништо спротивно на закон или морал“, наведува тој.
Со враќањето на својата професионална позиција во МВР, поранешниот градоначалник вели дека ќе продолжи да работи одговорно и посветено, „во служба на сите граѓани“.



