Прфатени дел од забелешките – На терасите ќе продолжи да се пуши
Примената на новиот закон за заштита од пушење на населението ќе биде одложена кога станува збор за отворените тераси од три страни, со цел на сопствениците на угостителските објекти да им се остави време инфраструктурно да се прилагодат на законските барања. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Азир Алиу на прес конференција во Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот информира дека процесот на прибирање забелешки е завршен и дека работните групи имале консултации со стручната јавност и со сите засегнати страни во државата. Како што посочи, заедно со премиерот биле одржани повеќе состаноци и со производители, потрошувачи, како и со претставници на ресторани и кафулиња. Дел од забелешките биле прифатени како логични и оправдани, додека други не биле земени предвид.
Во однос на терасите, Алиу појасни дека станува збор за објекти кои формално се водат како отворени од три страни, но во пракса често се затворени. Поради тоа е прифатено одложување на примената на законот за да се овозможи нивно усогласување со прописите.
Што се однесува до електронските цигари, министерот рече дека делумно е прифатено барањето за продажба на производи со вкус. Според него, одредени вкусови се директно наменети и атрактивни за младата популација, а целта на законот е заштита на здравјето на граѓаните со посебен фокус на младите. Тој нагласи дека Македонија е меѓу земјите во Европа со највисока употреба на нетрадиционални, односно електронски цигари.
Со новите измени ќе бидат забранети сите благи и атрактивни вкусови, а ќе се дозволи продажба само на електронски цигари со неутрален вкус и вкус на тутун.
Не е прифатено барањето електронските цигари да продолжат да се користат во затворени простории. Според министерот, тие се штетни исто како и традиционалните цигари и затоа нема да биде дозволена нивна употреба во внатрешни простории.


