Заклучок за спас на ФК Победа – Жарко Стеваноски ( Левица)

По поднесувањето на барањето за итна седница од страна на советниците на СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Прилеп, претседателката закажа седница која ќе се одржи на 24 февруари 2026 година (вторник), со почеток во 10:00 часот.

Советникот од Левица, Жарко Ставаноски, како овластен предлагач, достави Предлог-заклучок за интервенција на ЕЛС Општина Прилеп во решавањето на статусот на Друштвото за спортски активности Фудбалски клуб Победа АД Прилеп, со јасна порака: „ФК Победа не смее да згасне“.

Во образложението на предлогот се наведува дека една од основните надлежности на локалната самоуправа е да го стимулира и помага спортот и рекреацијата, преку развој на масовниот спорт, организирање спортски манифестации, како и одржување и изградба на спортска инфраструктура и поддршка на спортските организации.

„Не смееме да свртиме грб на актуелните случувања со ФК Победа и да ја игнорираме последната можност за зачувување на овој значаен спортски бренд. Локалната самоуправа има должност да го надмине ова прашање, како што тоа е направено и во други градови, преку трансформација на спортските клубови во градски клубови“, се наведува во предлог-заклучокот.

Со ваква трансформација би се овозможил континуитет во постоењето и натпреварувањето на клубот, како и контролирано и транспарентно финансиско работење под надзор на Општина Прилеп.

Воедно, Ставаноски упати повик до спортските фанови и поддржувачи да присуствуваат на седницата во просториите на Општина Прилеп, со цел да им дадат поддршка на советниците и на иницијативата за зачувување на клубот.

„Да не дозволиме Победа да згасне. Прилеп мора да остане град на фудбалот“, стои во повикот.

Слични Објави