Основниот суд во Прилеп под лупа на ревизија за финансиското работење
Основниот суд Прилеп е меѓу институциите кај кои се забележани низа неправилности и пропусти во финансиското и административното работење – покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2023 година. Судот не доби позитивно мислење во врска со финансиските извештаи за 2023, а со резерва е прифатена нивната усогласеност, тоа е придружено со резерва и сериозни забелешки за бројни системски слабости, административна неусогласеност и недоволна контрола врз судските депозити и сметководствените процеси.
Меѓу клучните наоди е тоа што средствата за финансирање на судската власт не го достигнуваат законски утврдениот минимум од 0,8% од БДП – во 2023 година тие изнесувале само 0,3%. Недостасуваат и одредби за регулирање на платите на административно и техничко лице во судовите, а постојат разлики и неусогласености во прописите за вработување, кои создаваат правна нејасност и отежнување при пополнување работни места.
Ревизорите утврдиле дека нема јасна категоризација на судските депозити кои се активни од 2014 година до денес. Не е утврдено дали предметите се завршени или не, ниту е обезбедена сметководствена евиденција по поединечни предмети. Во електронскиот систем АКМИС има некомплетни податоци за конфискувани средства и предмети, а не е извршен ни попис на скапоцености и корпора деликти.
Основниот суд Прилеп не воспоставил Одделение за внатрешна ревизија, и не врши попис на средства и обврски согласно законот. Недостасува и дневнична евиденција за движењето на парични средства по предмети, а за работата со депозитите не е направен целосен годишен преглед.
Дополнителна слабост е исплатата на средства за увиди на лице место – кои се уплаќаат на судии, записничари, возачи и за гориво, без претходно донесени акти што ја утврдуваат методологијата на пресметка. Ова, според ревизорите, претставува ризик од произволно трошење на јавни средства.
Државниот завод за ревизија дал осум конкретни препораки до Основниот суд Прилеп, со цел подобрување на транспарентноста, воспоставување на внатрешна контрола и почитување на буџетските и управувачките регулативи. Останува да се види дали раководството на судот ќе ги прифати и спроведе препораките или проблемите ќе продолжат да се продлабочуваат.
Линк до целосните ревизорски документи од ДЗР