|

Доделени 29 сертификати за комплетирано основно образование и за напредни ИТ вештини

Во Општина Прилеп на 29 повратници им беа доделени сертификати за комплетирано основно образование и за напредни ИТ вештини. Настанот е дел од проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратниците во Западен Балкан„ поддржан од УНДП, за „Дооформување на основното образование за возрасни“, на доделувањето присуства Министерката за образование Весна Јаневска и претставникот од УНДП Армен Григорјан..

Во рамките на овај проект во Прилеп претходно беа одржани неколку форумски сесии, со претставници од сите институции каде како приоритет беа избрани: „Реконструкција на отворено спортско игралиште“ и „Дооформување на основното образование за возрасни“ во ООУ„Добре Јованоски“.

За отпочнување на овој процес за комплетирање на основното образование, според стандардите беа опремени две училници во ООУ Добре Јованоски“со сите нагледни средства, две смарт табли и компјутери за работа на возрасните ученици.

“Проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“, во соработка со ООУ „Добре Јованоски“ и УНДП, нам, како локална заедница ни е приоритет за ефикасна реинтеграција на повратниците од земјите на ЕУ и нивна можност во обезбедување на основна материјална, социјална и економска сигурност. Ова особено се покажува како важно за овие социјално ранливи групи кои се дел од нашата заедница, каде образованието и неговото дооформување е долгогодишен проблем.“- истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески .

Министерката за образование, Весна Јаневска ја пофали иницијативата на локалната заедница за изнаоѓање на механизам за интеграција на лицата повратници и им честита на оние кои денеска добија сертификат за стекнато знаење.

„На луѓе кои биле во странство и продолжуваат тука прават исправни чекори за да успеат и вложуваат во своето образование во своите вештини и компетенции.

Со тоа сигурно е дека стануваат видливи, вредни и корисни. Важно е што овие луѓе ја препознале вредноста и важноста од знаењето и полесно ќе се интегрираат во средината во која што се враќаат. Се надевам дека ќе изградите успешни животни приказни и тие ќе бидат поттик за враќање и на други македонски иселеници,затоа што за државата секој еден граѓанин е важен и само преку личен успех може да помогне во нејзиниот развој.“ – потенцира таа.

Придобивките од проектот што ги има Општина Прилеп се: ефикасна социјална и економска заштита на ранливите категории граѓани, подобрување на социјалната и економска интеграција на повратниците, развивање на спортско – рекреативниот дух кај учениците и нивно сплотување во заедницата.

Во рамките на посетата на општина Прилеп, делегацијата денес го посети и ООУ “Добре Јованоски“, каде што беа реализирани овие проекти.

Слични Објави