Општина Прилеп – домаќин на Општина Куманово за размена на добри практики за управување со отпад
Општина Прилеп беше домаќин на делегација од Општина Куманово во рамки на студиска посета насочена кон размена на искуства и добри практики во областа на управувањето со отпад. Посетата е дел од активностите на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, кој го спроведува Центарот за климатски промени со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas.
Претставниците од двете општини, заедно со експерти од јавниот и комуналниот сектор, остварија средби со локалните власти и менаџментот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ – Прилеп. Во рамки на посетата беа разгледани клучни локации поврзани со управувањето со отпад во Прилеп, вклучувајќи ја постоечката локација за доселекција на комунален отпад, како и новата современа постројка за селекција, која е во завршна фаза на изградба.
Оваа активност претставува важен чекор кон зајакнување на интеропштинската соработка, со акцент на пренесување на практични решенија и модели кои Прилеп ги развива повеќе од една деценија. Главните цели се зголемување на степенот на рециклирање, унапредување на системот за управување со отпад и усогласување со европските стандарди и приоритетите на Зелената агенда за Западен Балкан.