Крушево започна со решавање на деценискиот проблем со дивата депонија
Општина Крушево, во соработка со ЈКП „Комуна“ и ангажирање на приватна компанија, започна со активности за санирање и покривање на дивата депонија која со години претставува еден од најгорливите еколошки проблеми во регионот.
Механизацијата на јавното претпријатие и дополнителните ресурси од приватниот сектор се веќе ангажирани на терен, при што отпадот се посипува и покрива со песок – прв чекор кон системско и трајно решавање на проблемот.
Паралелно со ова, општината е во финални подготовки за обезбедување преса за пластичен отпад, преку поддршка од донатори. Воедно, се работи на склучување договор со приватна фирма која ќе биде задолжена за селекција и откуп на рециклабилен отпад.
„Со овие мерки очекуваме значително да го намалиме обемот на отпад кој завршува на депонијата и да воведеме поефикасен систем за управување со отпадот“, изјавија од локалната самоуправа.
Граѓаните се повикуваат активно да соработуваат со ЈКП „Комуна“ и општинскиот комунален инспектор при одведување на отпадот и градежниот шут. Од општината предупредуваат дека секое несоодветно фрлање отпад ќе биде санкционирано согласно законските прописи.



