Се одржа иницијативниот одбор – започна постапката за избор на Локален младински совет во Крушево
Со одржување на седница на иницијативниот одбор, официјално започна постапката за избор на членови на Локалниот младински совет во општина Крушево. На состанокот беше донесена одлука за распишување на јавен повик за формирање на Локално собрание на млади, што претставува прв чекор во процесот на избор на младински претставници.
На седницата присуствуваа претставници од неколку младински организации: „Од млади за млади“, „Емпауринг“ Крушево, „Културен манифест“ и СДММ Крушево, како и службеникот за млади при општината. Учесниците ја дефинираа динамиката и следните чекори што ќе водат кон успешно формирање на Локалното собрание и на крај – Локалниот младински совет.
Јавниот повик за пријавување ќе биде објавен на официјалната веб-страница на општина Крушево. Со него се повикуваат сите заинтересирани млади на возраст од 15 до 29 години да се пријават како делегати во Локалното собрание на млади. Преку ова тело, младите ќе имаат можност активно да учествуваат во креирањето на младинските политики на локално ниво.
Формирањето на Локалниот младински совет претставува важен чекор во правец на вклучување на младите во процесите на одлучување и зајакнување на нивното учество во општествениот живот на заедницата.


