|

Општинскиот инспекторат на Битола со прво дежурство – над 30 утврдени прекршувања



Во насока на поинтензивен надзор, брза интервенција и проактивна заштита на јавниот интерес и животната средина, Општинскиот инспекторат при Општина Битола од вчера започна со теренски дежурства надвор од редовното работно време.

Првото дежурство резултираше со над 30 констатирани случаи на прекршувања – најмногу во областа на градежништвото, јавната чистота и комуналниот ред. Инспекторите на терен затекнаа несоодветно постапување со градежен шут, неправилно одложување комунален и друг вид отпад, како и други дејствија кои директно влијаат врз урбаниот амбиент и животната средина.

Во дел од случаите сторителите добија усни опомени и рок за отстранување на неправилностите, додека кај други веќе започнато е постапување за нивно санирање.

Инспекцискиот тим интервенираше и по пријави од граѓани, со што уште еднаш се потврдува важната улога на јавноста во заштитата на јавниот ред.

Случаите кои не се во надлежност на општинските инспектори – како што се диви улични трки, прекумерна бучава од возила, брзо возење со мотори и мопеди – им беа упатени на граѓаните да ги пријавуваат директно до СВР Битола, со цел навремено реагирање од страна на полицијата.

Вонредните инспекциски дежурства ќе продолжат и во наредниот период, а Општина Битола ги охрабрува граѓаните да пријавуваат прекршувања и надвор од работното време на дежурниот број: 075 388 797.

Слични Објави