| |

Милиони евра вложени во детски градинки без резултати

И покрај инвестициите и бројните проекти за изградба и проширување на капацитетите во детските градинки, децата сè уште чекаат на згрижување, а општините се соочуваат со недовршени објекти, административни пречки и лошо управување со јавни средства. Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија открива системски слабости кои ја попречуваат ефикасноста на капиталните инвестиции во детската заштита.

Во периодот од 2020 до јуни 2024 година, иако се издвоени повеќе од 8,7 милиони евра за изградба, адаптација и опремување на градинки, резултатите се далеку од задоволителни. Наместо зголемен опфат, државата бележи континуиран недостиг на места во градинките, преполнети објекти и дури седум новоизградени градинки кои сè уште не започнале со работа.

Главни наоди од ревизијата:

  • Опфатот на деца во предучилишно образование останува низок – од 29% до 34,5% според различни извори.
  • 75.874 деца не се згрижени во градинки; 4.851 се на листа на чекање.
  • 67% од градинките во мај 2024 работат со надминат капацитет.
  • Недостиг на кадровски ресурси, административни доцнења и непланирани градежни проблеми ја забавуваат или целосно стопираат реализацијата на проектите.
  • 7 новоизградени градинки со инвестиција од над 260 милиони денари сè уште не се ставени во функција.

Состојба во Пелагонискиот регион

Прилеп:

  • Во 2021 година започната е изградба на нова градинка со капацитет за 218 деца. Проектот чини 49,9 милиони денари и е завршен во 2023 година, но до октомври 2024 не започнала со работа. И покрај тоа што има решение за вршење дејност, нема информации за функционалност на објектот.

Битола:

  1. Градинка со заем од Светска банка (55,2 милиони денари):
    • Градбата започната во 2021 година е изведена само 48%. Договорот е раскинат поради недоставување банкарска гаранција, а се чека избор на нов изведувач.
  2. Градинка финансирана од општината (114,5 милиони денари):
    • Застаната на ниво на „карабина“ поради подземни води и недоволно планирање. Проблемите го одложуваат почетокот на работа на објектот и зголемуваат ризик од непотребни дополнителни трошоци.

Ревизијата открива дека во многу случаи нема јасни индикатори за следење на успехот на проектите, регистрите за капацитетите не се ажурирани, а општините често немаат доволно средства или капацитети да ги довршат објектите. Исто така, има големи разлики во цените за идентични објекти и опрема, што укажува на несоодветно и неефикасно трошење на средства од државата и меѓународни извори, вклучително и ИПА фондови и заем од Светска банка.

Иако градинките се граделе со цел да обезбедат подобар и подостапен систем за згрижување на деца, извештајот покажува дека државата и општините не успеваат да ги реализираат поставените цели. Децата, родителите и воспитувачите се соочуваат со последици од нефункционален систем во кој парите се трошат, но резултати нема.

Ревизорите упатуваат конкретни препораки за подобрување на правната рамка, податоците и управувањето со јавни инвестиции, со цел конечно да се овозможи достапна, квалитетна и правична предучилишна грижа за секое дете во државата.

Линк до Конечен ревизорски извештај од Државен завод за ревизија

Слични Објави