ЛОВ НА ЛАЖНИ ДИПЛОМИ?
Специјално тело ќе врши увид на терен. На дел од универзитетите ќе им биде дадена втора шанса да се поправат, а на оние коишто нема да го сторат тоа им се заканува затворање и одземање на лиценците.
Работењето на високообразовните институции во наредниот период ќе биде ставено под лупа. Владата планира да стави крај на неправилностите во нивното работење, при што ќе се проверува дали се делат дипломи „преку ноќ“ и кој се учествува во тоа. На дел од универзитетите ќе им биде дадена втора шанса да се поправат, а на оние коишто нема да го сторат тоа им се заканува затворање и одземање на лиценците.
За таа цел Владата формираше тело во надлежност на Министерството за образование и наука (МОН) кое ќе направи анализа на работата на сите државни и приватни универзитети. Премиерот Христијан Мицкоски во средата (31.07) рече дека се срами од тоа што негови колеги од соседните држави му се пожалиле поради проблемите што ги имаат со дипломите добиени преку ноќ во Македонија.
„Не можам да дозволам тоа повеќе да се случува“, порача Мицкоски.
Ова не е прва иницијатива за скенирање на состојбите во високообразовните институции. Проблемот со лажните дипломи со години се провлекува, а на иста мака се и земјите од соседството. Шест земји од регионот во 2022 година на Самитот на Белинскиот процес во Германија потпишаа договори кои требаше да ги урнат висообразовните бариери со меѓусебно признавање на дипломите издадени од надлежна восокообразовна институција. Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, со кој Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија меѓусебно си ги признаат дипломите, меѓу другото ги обврзува земјите и на заедничка борба против појавата на фалсификување документи, проблем со кој што се соочуваат сите земји од регионот.
Лов на лажни дипломи
Според податоците на МВР, во периодот од 2020 година заклучно со септември 2022 година, регистриран е еден случај на откриена лажна диплома за доктор на науки во областа на менаџмент која е издадена од страна на Универзитет во Република Србија и таа е искористена за вработување на универзитет во Северна Македонија. Во врска со случајот поднесено е известување до надлежно јавно обвинителство поради основано сомнение за фалсификување на исправа. Пред две години беше обелоденет и случај на „лажен доктор“ во Вевчани, кој наводно шест години без диплома ги лекувал пациентите, за што беше покрената постапка.
Проверки на дипломите треба да врши и Државниот просветен инспекторат. Станува збор за редовни и вонредни инспекциски надзори во образовните установи по разни основи, вклучително и по претставки или на барање на други институции, како Министерството за внатрешни работи, за проверка на веродостојност на издадени дипломи.
Ревизија на дипломите бараше и поранешниот претседател Стево Пендаровски. „Прво мораше да се направи ревизија на сите факултети и универзитети кои беа отворени изминатите години. Сите знаеме дека за тоа не постоеше кадар, не постоеја услови и немаше потреба. Со комбиња се носеа професори од Скопје по факултетите во Западна и Источна Македонија и знаеме како се добиваа дипломи. Требаше да се стават на ревизија сите дипломи, а особено магистериумите и докторатите кои тогаш беа добиени“, изјави тој во телевизиско интервју во 2022 година.