Матеј Чатлески ќе ја претставува Македонија во Бор

Професионалната боксерска сцена во Србија ја отвора сезоната 2026 со ревија на мечеви во организација на Balkan Boxing, главен партнер на Боксерски сојуз на Србија за професионален бокс.



Спектаклот „BALKAN BOXING 7“ ќе се одржи на 28 март 2026 година во салата Спортски центар Бор, со директен телевизиски пренос на TV Arena Fight. Во рингот ќе настапат млади асови од Србија и од земјите од регионот, а посебно внимание привлекува настапот на еден од најдобрите млади боксери од Македонија – Матеј Чатлески.

На заедничката прес-конференција, покрај директорот на Arena Channels Group, Небојша Жугиќ и претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија, Ненад Боровчанин, беа претставени и главните актери на вечерта – српскиот репрезентативец Јован Николиќ и македонскиот боксер Матеј Чатлевски.

Чатлевски истакна дека за него е чест што ќе боксува на ваков настан и што ќе ја претставува Македонија на регионална сцена.

„Му благодарам на Balkan Boxing за укажаната доверба. Се подготвувам максимално и во Бор ќе го претставувам македонскиот бокс на најдобар можен начин. Балканот има исклучителни таленти и сигурен сум дека преку вакви настани ќе покажеме дека припаѓаме на светскиот врв“, порача Чатлевски.

Регионален спектакл со високи амбиции

Претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија, Ненад Боровчанин, најави дека целта е професионалниот бокс во регионот да се подигне на светско ниво и во иднина големи титули да се освојуваат на балканско тло.

Главната борба на вечерта ќе ја предводи српскиот шампион Јован Николиќ, додека програмата ќе понуди повеќе професионални мечеви со боксери од поранешните југословенски простори.

Настанот во Бор најавува нова ера на професионалниот бокс на Балканот, а за македонската публика ќе биде особено значаен поради настапот на Матеј Чатлевски, кој ќе има можност да го потврди својот квалитет на голема регионална сцена.

Слични Објави