Еурофарм Пелистер подготвен за првото гостување во Париз (видео)

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одработија последниот тренинг пред утрешното прво гостување сезонава во Лигата на шампионите. Битолчани заминуваат за Париз каде што ќе се соочат со моќниот ПСЖ.

Во изјавите за јавноста, тренерот Рубен Гарабаја истакна дека тимот мора да остане фокусиран на сопствената игра и континуиран напредок:

„Треба да се фокусираме на добрите страни на ПСЖ и да го дадеме најдоброто од себе. Ќе се обидеме да бидеме ефективни и ништо да не му биде лесно на ривалот. ПСЖ има супер-тим со одличен тренер. Добро е што играме со нив на почетокот од сезоната, бидејќи секојдневно ќе напредуваат. Во Париз нема да ги имаме нашите навивачи, нашиот осми играч, но сигурно ќе ја почувствуваме нивната поддршка“, изјави Гарабаја.

Голманот Никола Митревски нагласи дека дуелот со ПСЖ е голем предизвик, но и можност за тимот:

„Се работи за гигант во спортот и ракометот, можеби и тим со најголем буџет во ЛШ оваа сезона. Подобро е кога се победува – расте самодовербата и психичкиот момент кај секој играч. Ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода, па во Париз одиме порастеретени. Секоја победа или бод на гости ќе ни значи многу. Не треба да правиме калкулации туку да мислиме натпревар по натпревар“, рече Митревски.

Еурофарм Пелистер патува за Париз со надеж дека ќе прикаже квалитетна игра и ќе продолжи со позитивната серија во елитното натпреварување.

Слични Објави