Масовно труење со храна во „Микросам“ – Забранета работа на кетеринг фирмата и фабричката менза, се чекаат лабораториските резултати
Дури 41 вработен во прилепската компанија „Микросам“ развиле симптоми на труење со храна по консумирање оброк во фабричката менза, по што надлежните институции спроведоа вонредни инспекциски контроли и изрекоа забрана за работа на кетеринг-компанијата и мензата во фабриката до завршување на истрагата.
Според информациите од Центарот за јавно здравје, од вкупно 61 вработен кои консумирале оброк во првата смена, кај 41 лице се појавиле симптоми како покачена телесна температура, мачнини, дијареа и стомачни болки. Медицинска помош побарале 27 лица на Инфективното одделение при Општата болница во Прилеп. По укажаната терапија, сите биле пуштени на домашно лекување со средно тешка клиничка слика, без потреба од хоспитализација.
По пријавата за сомневање за труење со храна, бил активиран Националниот протокол за постапување при вакви случаи. Во координирана акција, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство извршиле вонреден инспекциски надзор на две локации – во објектот на кетеринг-компанијата „Рустика“ и во мензата на „Микросам“.
Како превентивна мерка, издадена е забрана за вршење дејност во кујната на кетеринг-компанијата и во фабричката менза. Забраната ќе остане во сила до добивањето на негативни лабораториски наоди и спроведувањето на сите препорачани противепидемиски мерки. При инспекцискиот надзор биле земени мостри од храната, брисеви од работните површини и други примероци за микробиолошка анализа. Според инспекторатот, при контролата не биле констатирани санитарно-хигиенски недостатоци на локациите.
Во јавноста се отворија прашања дали кетеринг-компанијата „Рустика“ обезбедува храна и за други поголеми компании во Прилеп. Засега, надлежните институции не соопштуваат информации за евентуално проширување на случајот, ниту има официјална потврда за заболени лица во други компании. Истрагата продолжува, а конечниот одговор за причинителот на труењето ќе го дадат лабораториските анализи.
Надлежните институции најавуваат дека по добивањето на резултатите ќе биде утврдено дали станува збор за бактериолошка контаминација, токсини или друг причинител, по што ќе следуваат и соодветни мерки доколку се утврдат пропусти во подготовката, складирањето или транспортот на храната.


