|

Осум студенти добија шанса за летна пракса во Општина Прилеп

Денес во просториите на Општина Прилеп се одржа првата официјална средба со студентите кои беа избрани по распишаниот повик за учество во проектот „Летна универзитетска пракса“. Проектот се реализира во соработка помеѓу Општина Прилеп и Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Вкупно осум студенти, кои своето образование го продолжуваат на факултетите во состав на УКЛО, ќе имаат можност во текот на јули, август и септември 2025 година да стекнат работно искуство во општинските одделенија. Секој студент ќе изведува практикантска работа во траење од еден месец, со месечен нето надомест од 10.000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Прилеп.

Главната цел на програмата е унапредување на практичните знаења и вештини на студентите и нивна подобра подготовка за вклучување во реалниот сектор. Од локалната самоуправа нагласуваат дека вложувањето во младите и нивното образование е една од најзначајните инвестиции за иднината на заедницата.

„Веруваме дека вложувањето во младите и нивното образование е најдобрата инвестиција за иднината. Знаењето е моќ – кога се споделува, станува сила што гради заедници и создава перспективи.“ порачаа од Општина Прилеп.

Слични Објави