15 милијарди денари за инфраструктурни проекти во општините
Министерството за локална самоуправа најави дека следната недела ќе го објави вториот јавен повик за финансирање инфраструктурни проекти во општините, во вкупна вредност до 15 милијарди денари. Овој повик е продолжение на успешната реализација на првиот, кој веќе покажува конкретни резултати.
Според министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на првиот повик досега се склучени договори или се во завршна фаза од постапката за вкупно 251 проект, од кои педесетина веќе се реализираат на терен, а за 37 проекти наскоро ќе започне тендерската процедура за избор на изведувач.
„Ова е доказ дека пред нас е градежен бум во сите општини, во сите региони на нашата земја“, изјави Перински, истакнувајќи дека Владата останува посветена на локалниот развој.
Вториот јавен повик ќе поддржи проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието. Критериумите за учество ќе останат во најголем дел исти како и во првиот повик, но ќе бидат олеснети во поглед на рокот за поднесување на документи и започнување на постапката за јавна набавка.
Право на учество имаат сите единици на локалната самоуправа, со можност да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од различни области. Крајниот рок за поднесување на апликациите и проектната документација е 30 април 2025 година.
„Оваа мерка е насочена кон подобрување на животните услови на граѓаните и се базира исклучиво на реалните потреби на општините. Нема политика во неа, што го докажуваат финансираните проекти во општините управувани од различни политички партии. Охрабрувам сите градоначалници, без оглед на нивната партиска припадност, да аплицираат и да искористат оваа можност за подобро утре на граѓаните“, порача министерот Перински.
Тој додаде дека Владата со овој повик го продолжува партнерскиот однос кон општините и граѓаните, со цел унапредување на локалната инфраструктура и зголемување на економскиот раст и квалитетот на животот во сите региони на земјата.
.