Крушево подготвено за светски куп и европски првенства во параглајдерство
Крушево го отвора небото за најдобрите параглајдеристи од светот и Европа
Крушево и ова лето ќе биде центарот на воздухопловните спортови, каде ќе се одржат повеќе меѓународни натпревари во параглајдерство и змејарство. Теренот е целосно подготвен со нова вештачка трева и подобрени услови за безбедно полетување и слетување.
Параглајдерството, како спортска и рекреативна активност, сè повеќе добива на значење во развојот на алтернативниот туризам. Локалната самоуправа и надлежните спортски федерации вложија во унапредување на инфраструктурата со цел да се одржат натпревари од национално, европско и светско значење.
„Храбрите заљубеници во височините ќе можат безбедно да полетуваат, во подобрени услови и на нова професионална вештачка трева. Теренот во Крушево е подготвен за одржување на многу национални, меѓународни, европски и светски првенства во параглајдинг и змејарство.“ изјави Томе Христоски градоначалник на општина Крушево
Крушево, кое веќе е препознаено како „дестинација за четири сезони“ атрактивна дестинација за авантуристички туризам, го проширува туристичкиот календар и во летниот период, со што се овозможува и зголемена економска активност за локалното население.
Во текот на јули и август 2025 година, ќе се одржат следните настани:
- 6–12 јули: Flymaster Open 2025
- 12–19 јули: 36-то Британско и Холандско првенство
- 20–27 јули: Светски куп во параглајдинг 2025
- 3–8 август: Nordic Open
- 16–23 август: Niviuk Fly Wide Open
Организаторите очекуваат учество на голем број натпреварувачи од различни земји, со што Крушево повторно ќе се најде на меѓународната спортска мапа.
Крушево како дестинација за четири сезони, го промовира зголемувањето на понудата во делот на алтернативните форми на туризам, која е многу подоходовна за лoкалната економија, значи искористување на сите уникатни, природни ресурси.