Крушево и Бозкурт-Турција со планови за културна и економска соработка
Во рамки на зголемените напори за меѓународна соработка и поврзување со општини од странство, денес во Крушево се одржа официјална работна средба со градоначалничката на турската општина Бозкурт, г-ѓа Бирсен Челик. На средбата присуствуваа и претставници од Советот на општина Бозкурт, кои ја изразија својата подготвеност за започнување процес за збратимување со Крушево.
Бозкурт е град во јужниот дел на Република Турција, сместен во провинцијата Денизли, а средбата со нивните претставници е резултат на зголемениот интерес од европски и регионални општини за соработка со Крушево.
„Ќе воспоставиме пријателски односи и соработка помеѓу две општини од различни држави. Иницијативата за збратимување ќе се однесува на културна размена, образовна соработка, туризмот, економска соработка и историска поврзаност, преку реализација на заеднички проекти, активности, настани и програми од заемен интерес. Градиме мостови за соработка, но се поголем интерес пројавуваат Европски општини за посета на нашето Крушево заради можности за идни соработки!“, истакна Томе Христоски градоначалник на Крушево.
Со овој чекор, Крушево го проширува кругот на меѓународни партнери. По иницијативите за збратимување со општини од Република Унгарија, Грција и Црна Гора, соработката со Турција претставува уште еден важен исчекор во развојот на надворешната соработка на општината.
Во наредниот период, двете страни ќе работат на подготовка на Меморандум за соработка, кој ќе ги прецизира приоритетните области и модалитетите за заедничко делување.
Крушево продолжува да се позиционира како пример за отворена, проактивна и визионерска општина, која гради мостови со европски и светски градови, промовирајќи ја локалната култура, традиција и можности за развој.