Ученици од ООУ „Гоце Делчев“ блескаа на Меѓународната олимпијада по англиски јазик HIPPO 2025 во Италија
Во периодот од 26 до 28 мај 2025 година, во Венеција, Италија, се одржа Европската квалификациска рунда на престижната Меѓународна олимпијада по англиски јазик HIPPO 2025, во рамки на натпреварот „English Without Borders“. На ова значајно меѓународно натпреварување, каде што учество земаа ученици од голем број европски земји, особено се истакнаа претставниците од ООУ „Гоце Делчев“, кои достојно го претставија своето училиште и ја покажаа високата подготвеност и познавање на англискиот јазик.
Во категоријата Hippo 1, наградени беа: Дариа Цуцуловска и Касијана Трајкоска
Во категоријата Hippo 2, признание освои: Мартин Бошкоски
Особена гордост за училиштето е успехот на Кириана Спиркоска, менторирана од Матеја Велјановска Спиркоска, која обезбеди директен пласман во светското финале на олимпијадата, што ќе се одржи во Асиси, Италија.
Покрај натпреварувачкиот аспект, учеството на HIPPO 2025 претставуваше и можност за културна размена, нови пријателства и збогатување на знаењата и искуствата на учениците. Од училиштето истакнуваат дека се горди на нивните ученици и ментори, кои со својот успех не само што ја афирмираат важноста на изучувањето странски јазици, туку претставуваат и инспирација за идните генерации. „Ова учество е доказ дека трудот, посветеноста и љубовта кон знаењето секогаш даваат резултати. Им честитаме на сите учесници и им посакуваме уште поголеми успеси во иднина,“ – изјавија од училиштето.