|

Прилеп планира поодржлив сообраќај – јавноста поканета да даде предлози

Општина Прилеп ја привршува изработката на Планот за одржлива урбана мобилност (SUMP), стратешки документ кој треба да го унапреди начинот на движење во градот и да донесе поефикасен, побезбеден и поеколошки сообраќаен систем.

Општина Прилеп е во завршна фаза од изработката на Планот за одржлива урбана мобилност (SUMP), како дел од проектот на Министерството за транспорт за подобрување на локалната патна инфраструктура, финансиран од Светска банка.

Со овој план, локалната самоуправа има за цел да ја подобри пристапноста во градот, да ја зголеми безбедноста во сообраќајот, да го унапреди јавното здравје и да поттикне економски развој. Посебен акцент се става на намалување на штетните емисии, подобрување на протокот на сообраќај и промовирање на одржливи транспортни решенија.

Планот е насочен кон потребите на граѓаните, но и на компаниите и организациите кои функционираат во општината. Во неговата подготовка се применува транспарентен и инклузивен пристап, со активно вклучување на јавноста и засегнатите страни.

Од Општина Прилеп информираат дека документот е веќе во финална фаза и најавуваат негова јавна презентација. Воедно, упатуваат повик до граѓаните да се вклучат во процесот на ревизија на планот, преку доставување на свои предлози и забелешки.

Сите заинтересирани можат да ги испратат своите мислења на електронската адреса sump2026prilep@gmail.com, во периодот од 9 до 29 април 2026 година. Финалната нацрт-верзија на планот е достапна за увид и преземање преку објавениот линк од страна на општината. ПРЕЗЕМИ SUMP FinalReport-Prilep MK

Слични Објави