|

Пијан Славеј и Игор Трпче ќе плетат „Пелагониска плетенка“ во Марко Цепенков

Вечерва, Бранислав Николов фронтменот на музичка група „Фолтин“, заедно со прилепски актер Игор Трпчески – Трпче, во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ ќе ги изведат поетско-шлагерскиот перформанс „Пелагониска плетенка“ и вечер со музичка поезија на „Пијан славеј“

Пијан Славеј е музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата “Фолтин”, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
“Песни кои се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови ( од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи), но уште повеќе со енергијата која се чини само нему му е својствена, а нам на навивачите и тоа како позната. Притоа, возен од неговите придружници инспиративно слезе до срцевината на македонската поп сцена од седумдесеттите ( во интепретацијата можеше да се почувствува ехото на еден пејачки маг како што е Диме Поповски, или згора драматиката на Зафир Хаџиманов…), си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки” – вели Љупчо Јолевски.


“Пијан Славеј се сеанси на интимни посети крај диви маслини осамнати на брегот. Горчливо густа смола од винските мушички со деланки од бор облепени со каллив електро грув и еден нишан – поглед стрвен со излигавена и страствена мов од ракурсот на пијаниот Славеј. Страст што некогаш низ меланхолија и тага мами вечна љубовна тишина, и ако тлее нешто живо во неа – ќе пеам или само немо ќе љубам нешто што се’ уште не е мртво.” – Влатко Деловски.

Бранислав Николов е музички перформер, автор и пејач во групата ФОЛТИН. Како дел од групата, зад себе има десетина студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар “Медена Земја”, интернационално наградуваните “Исцелител”, “Со Љубов”, “Cash & Marry” и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка. За својата работа досега е повеќепати наградуван. 2018 г. одржал концерт со Македонската филхармонија. Кон крајот на 2021 г. го оформува составот ПИЈАН СЛАВЕЈ, а настапува и самостојно како кантавтор. Објавил четири поетски збирки (“Креветизам и хоризонтала” 2018, “Срчки” 2020, “Полиграф”, 2022 и “Јазик за двајца”, 2024).


Игор Трпчески Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на проф. Владимир Милчин во 1997 година, а во 2005 година специјализира режија во Националната Академија за Театарска и Филмска уметност НАТФИЗ во Софија, Бугарија во класата на проф. Крикор Азарјан. Како актер има учествувано во преку 40 театарски претстави на матичната сцена и во неколку продукции како гостин во различни театри во Македонија. На сцената на театарот Војдан Чернодрински ги поставува претставите “Оркестар ТитаН” од Христо Бојчев, “Дневникот на Лудиот” од Гогољ, “Јас” од Илија Димоски, “Шаторо” од Петар Петрески, “Delirium tremens” од Благоја Ристески- Платнар. Добитник е на бројни награди меѓу кои се Гранд при на Лица без маски и Гранд при на ДАФ Кочани за Приказна за војникот од Шерл Ф. Рами, Најдобра претстава и Најдобра машка улога на интернационалниот фестивал АЛБА МОНО во Корча Албанија за претставата Delirium tremens. Од 2003 го регистрира Здружението на граѓани Театарска Работилница и работи на повеќе детски, младински и аматерски претстави и проекти.

Слични Објави