| |

Општините потрошиле Рекордни 190 милиони евра за јавни набавки во 2024 година

Во 2024 година, 80-те општини и Градот Скопје склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари (околу 190 милиони евра), покажува новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).



Вредноста на склучените договори е за 16% поголема од 2023 година, односно за околу 26 милиони евра повеќе.

Според извештајот, Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода бележат најголем пораст на вредноста на тендерите, додека Градот Скопје, за првпат, не е на врвот, туку падна на шестото место по вредност на јавните набавки.

Највисок трошок по жител има Општина Дојран – дури 675 евра по жител, додека Градот Скопје е на дното со само 14 евра. Просечно, трошокот по жител во 2024 година е зголемен на 131 евро, од 111 евра во 2023 година.

Мал број компании добиле значителен дел од парите – 10 фирми добиле 25% од вкупните средства. Листата ја предводат Енерџи Деливери Солушнс (EDS) со околу 8,1 милион евра, Фабрика Карпош со 5,9 милиони евра и Џови Компани Ново Село со 5,5 милиони евра.

Најголем поединечен тендер е забележан во Струмица – 4,5 милиони евра за изградба на нов пазар. Потоа следат Скопје со 3,3 милиони евра за електрична енергија и Аеродром со 3,2 милиони евра за доградба на училиште.

Според податоците од истражување на Центарот за граѓански комуникации за Јавните набавки во Пелагонија, Битола меѓу водечките.

Општина Битола се наоѓа меѓу општините со најголема вредност на договорите — приближно 11,4 милиони евра во 2024 година, и така е рангирана веднаш по Гази Баба во националната листа. Ова ја позиционира Битола како еден од главните потрошувачи во земјава. Според извештајот, јавните набавки по жител во Прилеп во 2024 година изнесуваат околу 50 евра по жител, што е меѓу општините со најниски износи по жител (доколку се спореди со просекот од 131 €). Ова укажува дека во Прилеп во 2024 година набавките биле релативно мали во однос на бројот на жители.

Од ЦГК потенцираат дека концентрацијата на договорите кај мал број компании и големите разлики во трошоците по жител отвораат прашања за транспарентност, ефикасност и еднаков пристап до јавните тендери.

„Општините треба да обезбедат фер конкуренција и јавност во постапките за набавки, со цел јавните средства да се трошат ефикасно и во интерес на граѓаните“, велат од организацијата.

Сите податоци за јавните набавки по општини, фирми и години од 2015 година наваму се наоѓаат на Базата на податоци за јавните набавки на општините.

Слични Објави