Испитниот центар повторно ќе проработи – ама не се знае кога
Испитниот центар за возачки испити во Битола и околните општини наскоро повторно ќе проработи, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој најави дека се бара законско решение за подобрување на квалитетот на услугите, а како можност ја спомена и опцијата за јавно-приватно партнерство.
Авто-мото испитниот центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола престана со работа на 12 август поради неправилности, со рок до 13 септември да ги отстрани. Но, телефонот и натаму е исклучен, а граѓаните реагираат на ваквиот однос.
Тошковски објасни дека инспекциите утврдиле недостаток на стручен кадар, непотполнa документација и неуредно водење евиденција за кандидатите.
Автошколите велат дека немаат официјални информации кога ќе продолжат полагањата, додека многу кандидати се загрижени дека ќе им истечат лекарските уверенија и средствата вложени во обуката ќе пропаднат.
„Системот мора да гарантира квалитет и професионалност, а не да ги паѓа кандидатите по неколку пати за профит“, рече Тошковски, додавајќи дека јавно-приватното партнерство и банкарска гаранција би можеле да ја зголемат одговорноста на испитните центри.



