| |

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НА СРЕДБА СО СОВЕТОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ДЕТСКО ПРЕТСТАПНИШТВО

Претседавачот на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво м-р Жанета Ристевска, заедно со членовите на ова тело, денес имаа средба со градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на која се разговараше за изготвената Програма на овој Совет и планираните активности за 2025 година. На средбата, беше потенцирана важноста од континуираното делување во насока на проценка на состојбата со малолетничко престапништво на територијата на општината, подигнување на свеста во заедницата за проблемот со детско престапништво и воспоставување на координирана соработка со институциите кои го третираат проблемот со малолетничко престапништво на национално, регионално и општинско ниво.

Посебен акцент на средбата беше ставен и на прекрасниот настан со кој блеснаа боите на уметноста, а кој се одржа синоќа во Офицерскиот дом во организација на Општинскиот Совет за превенција од детско престапништво Битола и центарот за поддршка на деца и лица со попреченост “Сложувалка срце”, со поддршка на КИЦ Битола и Општина Битола.

„За некого можеби обично, за нас едно посебно пролетно попладне, попладне во кое уметноста оживува, најавува едно подобро утре, најавува нови почетоци, најавува пролет!” На овој начин присутните ги поздравија водителките Јана Врџовска, Марија Најдовска и Јана Китановска.

На настанот беа претставени: „Мона Лиза”, „Фрида Кало”, „Девојката со бисерна обетка”, „Врисок”, Автопортретите на Ван Гог, „Девојката со чадор”, „Девојчето со мандарини”… најпознатите портрети од уметничките дела на врвните сликари: Леонардо да Винчи, Винсент Ван Гог, Јоханес Вермер, Едвард Мунк, Пјер Огист, Реноар, Вејстлинг Морган. Ги донесоа во живо и 3Д перформанс ученици со типичен и атипичен развој од основните училишта “Св. Кирил и Методиј”и  “Коле Канински” од Битола и ресурсен центар „Кочо Рацин” . Сите беа учесници на еден уникатен и оригинален настан “Да ги оживееме боите на уметноста”.

Претседавачот на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво м-р Жанета Ристевска во своето обраќање пред присутните истакна:

„Најпрво ја поздравувам иницијативата која беше поддржана од голем број на личности да се направи еден ваков посебен и несекојдневен уметнички перформанс проткаен со огромен труд, мотивација и придонес за подобро утре на оние најважните на овој свет – децата. Ги поздравувам сите оние кои се дел од организизацијата и реализацијата на денешниот настан меѓу кои се членовите на Советот за детско престапништво при Општина Битола, членовите на Центарот за помош и поддршка на деца и лица со попреченост „Сложувалка Срце” на чело со претседателот Сузана Станоевска, како и директорот на Културно информативниот центар Благојче Божиновски. Целиот настан е поддржан од Општина Битола.

Целта на оваа изложба беше преку уметноста како една величенствена гранка на културата децата да се стимулираат своето слободно време да го искористуваат градејќи и правејќи креативни и трајни дела и на тој начин да се воздигнуваат нивните способности кои во себе ги кријат и да се развива и поддржува нивниот талент. Така, на неосетлив, но доста траен начин се извршува и превенцијата од тоа децата како најранлива категорија во едно општество да западнат во некаква замка и да бидат жртва на детското престапништво како  општествена појава.

Градоначалникот Коњановски, им честита за професионалната и ангажираноста на членовите на Советот за превенција од детско престапништво, посакувајќи им многу успех и нагласувајќи дека општината продолжува со поддршка на овие активности кои се од значаен придонес за младите.

Слични Објави