Голем успех на Роберт Велески на „Шолта опен“ во Хрватска
Прилепскиот фиде-мајстор Роберт Велески оствари извонреден резултат на осмото издание на меѓународниот шаховски турнир „Шолта опен 2025“, кој се одржа во Хрватска. Меѓу 85 учесници од 17 држави, Велески беше единствениот претставник од Македонија и успеа да се пласира на високо 6. место со освоени 6,5 поени од вкупно 9 партии.
Овој резултат добива уште поголема тежина ако се има предвид дека Велески турнирот го започна како 31. носител според почетниот рејтинг. Со одлична форма и борбеност, зад себе ги остави двајца велемајстори и петмина интермајстори.
Во текот на турнирот Велески забележа 5 победи – против Џорџ и Никол Вајт од Ирска, Оливер-Цезар Бонавентур и Дарко Куртовиќ од Хрватска, како и против словенечкиот интермајстор Леон Мази. Три партии завршија со реми – против велемајсторите Иван Заја и Ангело Безиќ од Хрватска, како и против фиде-мајсторот Рафал Тимракиевич од Полска. Единствениот пораз го претрпе од победникот на турнирот – фиде-мајсторот Јован Миловиќ од Црна Гора, кој го освои првото место со 7,5 поени.



