Битолчанец со БМВ летал со 200 км/ч – на место со ограничување 80 км/ч – Уапсен на лице место
На автопатот А1, на потегот Демир Капија – Миравци, полицијата од ОВР Неготино запрела 29-годишен битолчанец кој управувал БМВ со скопски таблици со неверојатна брзина од 197 километри на час – речиси 2,5 пати повеќе од дозволеното!
Настанот се случил во близина на првиот тунел, каде што ограничувањето на брзината изнесува 80 км/ч. Возачот С.Р. е лишен од слобода на лице место.
За случајот е известен јавен обвинител и против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – за „безобѕирно управување моторно возило“.
Полицијата најавува засилени контроли на сообраќајот и апелира до возачите да ја почитуваат брзината, бидејќи прекршителите ќе се соочат со строги санкции.


