„Winter Apricots“ по десетти пат во Прилеп – од 10 до 13 декември
– „Разбуди се! Спиеш? Не спиј!“ – „А баш слатко сонував…“
Токму во овој дух, од 10 до 13 декември, Прилеп повторно ќе ја живее магијата на десеттото издание на фестивалот Winter Apricots.
Различни „слатки животинчиња“ симболично ќе го прекинат зимскиот сон и ќе пристигнат во градот под Марковите Кули, во потрага по последното слободно паркинг-место и топлата фестивалска сала, каде што ги очекува богата програма исполнета со уметност, музика и инспирација.
Особена благодарност упатуваат организаторите до Бета Дарси Силва и Иларија Анџелини за џинглот и филмчето кое, иако не влегува во официјална конкуренција, секогаш излегува како апсолутен победник кај публиката.
Од Winter Apricots порачуваат:
„Дојдете да сонуваме будни. Одморете попатно, за да не заспиете кога е најпотребно – затоа што има што да се види и чуе.“
Прилеп повторно ќе биде домаќин на уметници, креативци и љубители на современата култура – во четири дена исполнети со содржини што будат, инспирираат и поврзуваат.



