|

На денешен ден – пред 122 години беше убиен Гоце Делчев најголемиот македонски револуционер

На денешен ден, 4 мај, се навршуваат 122 години од смртта на Гоце Делчев, еден од најголемите македонски национални херои и визионери на револуционерната борба за слобода и автономија, бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Делчев уште од младинските денови покажува страст кон образованието, правдата и слободата. Се школува во Солунската гимназија „Св. Кирил и Методиј“, каде што раководи таен револуционерен кружок, а подоцна студира на Военото училиште во Софија. Но наместо воена кариера, го избира патот на народот – враќање во Македонија и вклучување во редовите на Македонската револуционерна организација (МРО).

Како учител во Штип, го среќава Даме Груев и веднаш се активира во проширување на организациската мрежа, создавање тајни канали и организирање пунктови во Македонија и Бугарија. Станува еден од главните организатори на револуционерната дејност, силен поборник за автономија, противен на надворешни влијанија и краткорочни решенија.

Со Ѓорче Петров го изработува Уставот и Правилникот на Организацијата, а неговото влијание се шири низ цела Македонија, Тракија и Родопите. Делчев не само што организира чети, туку е и идеен творец на четничката тактика и теренска организација, како и главен ревизор на револуционерната мрежа, која во тоа време делува како вистинска парадржава под османлиска власт.

Неговата визија за револуционерната борба била јасна: градење цврста внатрешна организација, просветителска работа меѓу народот и стратегиска подготовка за слобода. Се спротивставува на избрзани востанија и ги смета за штетни, барајќи долгорочна подготовка и масовна поддршка.

Во пролетта 1903 година, кога Организацијата донесува одлука за кревање востание, Делчев тргнува на терен – да го убеди раководството да го повлече решението. Но, на 4 мај, во селото Баница, Серски регион, неговата чета е предадена и опколена од османлиската војска. Во нерамноправна борба, Гоце Делчев го губи животот.

Со својата смрт, Делчев станува вечен симбол на борбата за македонска слобода, достоинство и државност. Неговата мисија, заложба и зборови и денес одекнуваат со силна пораки:

„Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.

„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.“

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите.“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“

„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.

„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.“

„Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух.

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.“

Слични Објави