Битолчани добија по едно кафе на „Широк сокак“ за штетите од земјотресот
Битолчани со силен револт реагираат откако деновиве на нивните сметки почнаа да пристигнуваат првите исплати за штетите од земјотресите во јануари 2022 година. Наместо реално обештетување, граѓаните добиваат симболични суми – 81, 192, 357 или неколку стотици денари – што предизвика бран негодување и лавина реакции на социјалните мрежи.
Владата донесе одлука да обезбеди парична помош во висина од пет проценти од проценетата штета, но исплатата која се врши преку наменска сметка на Општина Битола, за голем дел од оштетените е далеку од тоа што го очекувале по повеќегодишно чекање.
Земјотресите што ја погодија Битола во јануари 2022 година, со епицентар во близина на Лерин во северна Грција, предизвикаа сериозни оштетувања на станбени објекти, училишта, градинки и Клиничката болница. По настанот, Општина Битола формираше комисии за проценка на штетите, а изработениот елаборат беше усвоен од Советот во декември 2022 година и доставен до Владата.
Според информации што кружат на социјалните мрежи, за околу 2.400 граѓани биле одобрени средства во просек од околу 700 денари по лице, додека за работата на комисијата за проценка на штети биле потрошени приближно еден милион денари. Овие податоци дополнително го засилија гневот кај јавноста и отворија прашања за начинот на распределба на средствата.
Граѓаните бараат јасни одговори од Општината и од Владата – како се пресметувани штетите, зошто износите се толку ниски и каде завршиле парите. Дел од нив најавуваат и правни чекори, оценувајќи дека ваквиот „надомест“ е навредлив и не соодветствува со реалната штета што ја претрпеле нивните домови.



