Работна средба на градоначалникот Коњановски со амбасадорот на Македонија во Франција
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари работна средба со новоназначениот амбасадор на Република Македонија во Франција, Игор Николов. На средбата присуствуваше и почесниот конзул на Франција во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ.
Во фокусот на разговорите беше досегашната успешна соработка меѓу општина Битола и неколку француски градови во повеќе области, особено во сферата на образованието, културата и противпожарната заштита.
Амбасадорот Николов ја нагласи својата подготвеност за продлабочување на билатералната соработка, со посебен акцент на унапредување на односите со збратимениот град Епинал. Според него, во наредниот период се очекува интензивирање на заеднички проекти и активности кои ќе придонесат за натамошен развој и зајакнување на партнерството меѓу двете земји на локално ниво.
Градоначалникот Коњановски изрази благодарност за интересот и поддршката од страна на амбасадата и француските институции, посочувајќи дека општина Битола останува отворена за нови форми на соработка кои ќе придонесат за благосостојбата на граѓаните.


