Функционерите со илјадници денари покачување, работниците „наградувани“ со 2.000
Додека минималната плата за работниците останува закована на 397 евра, државните функционери добиваат сериозни покачувања на платите. Од март 2026 година, работниците ќе добијат само законско усогласување од 1.700 до 2.000 денари, додека платите на претседателот, премиерот, министрите, градоначалниците и судиите растат автоматски – за десетици илјади денари.
Минималецот нема да се покачи на најавуваните 600 евра. Владата повторно се повикува на „социјален дијалог“ и „реални економски можности“, но за функционерските плати дијалог не е потребен – тие растат сами по себе, врзани со растот на просечната плата.
Кој колку добива повеќе?
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната бруто-плата достигна околу 69.000 денари, што директно ги полни џебовите на функционерите:
- Премиерот ќе зема околу 165.000 денари нето, односно 20.000 денари повеќе од досега.
- Претседателот на државата и претседателот на Собранието ќе имаат плата од околу 170.000 денари, со покачување од над 20.000 денари.
- Министрите ќе добиваат околу 133.000 денари, што е зголемување од 12.000 до 15.000 денари.
- Министерот за внатрешни работи, со законскиот додаток од 20 проценти, ќе стигне до речиси 175.000 денари, односно покачување од над 25.000 денари.
- Градоначалниците на поголемите општини ќе земаат најмалку 133.000 денари, што е раст од околу 15.000 денари, без минат труд.
Две правила, два света
Додека работниците чекаат договор меѓу синдикати и работодавачи и добиваат симболично покачување, функционерите имаат гарантиран раст на платите со законска формула. Дополнително, тие добиваат и додаток за минат труд од 0,5 проценти по година стаж – привилегија што најголемиот дел од работниците никогаш не ја добиле.
Резултатот е јасен: функционерите добиваат месечни покачувања колку што за работниците значи цела плата. Во исто време, минималната плата во регионот одамна ја надмина границата од 500 евра.
Јаз што станува неподнослив
Додека платите на избраните и именуваните лица растат за 12.000 до 25.000 денари, работниците добиваат покачување кое не покрива ниту основни животни трошоци. Политиката на ниски плати продолжува, а цената ја плаќаат оние што работат – со празни паричници или со заминување од државата.



