АНАСТРОЗОЛ И ЛЕТРОЗОЛ ЌЕ СЕ ПОДИГНУВААТ ВО АПТЕКИ ОД 4 АВГУСТ
Од 4 август онколошките пациенти ќе можат да ја подигнуваат таблетарната хормонска терапија – анастрозол и летрозол – директно од аптеките низ земјата. Ова го потврдија директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, во изјава за МИА.
„Денеска ќе биде објавен новиот шифрарник кој стапува на сила од 4 август. Тоа значи дека пациентите ќе може да ја подигнат терапијата на рецепт, како и секој друг лек. Потребно е прво да добијат извештај од онколог, потоа матичниот лекар издава рецепт, по што лековите ќе се подигнуваат во аптека. Партиципацијата ќе изнесува околу 50 денари“, информираа директорите.
Што се однесува до хормонската инјекциона терапија – ресилиго, директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, најави дека пациентите ќе бидат дополнително информирани за терминот и местото на примање на инјекцијата во текот на следната недела.
Оваа мерка е дел од поширокиот напор за унапредување на достапноста до терапија и олеснување на процесот за пациентите што се соочуваат со малигни заболувања.



