Општина Прилеп објави јавен повик за 14 работни ангажмани
Општина Прилеп објави јавен повик за 14 работни ангажмани: Надоместокот изнесува 24.000 денари месечно
Општина Прилеп објави јавен повик за вклучување на невработени лица во Програмата „Општинско-корисна работа“, во рамки на проектот „Во служба на заедницата преку Општинско-корисна работа“. Со проектот се предвидува работно ангажирање на вкупно 14 лица во јавни установи и сервиси кои обезбедуваат грижа, поддршка и социјални услуги за различни категории граѓани.
Ангажманот ќе биде во времетраење од девет месеци, со полно работно време од 40 часа неделно, односно осум часа дневно. Избраните кандидати ќе добиваат месечен паричен надоместок од 24.000 денари, во кој се вклучени данокот на личен доход и осигурувањето за инвалидност и телесно оштетување како последица на повреда при работа или професионална болест.
Со јавниот повик се опфатени пет работни позиции:
- Воспитувач/ка во ЈОУДГ „Наша Иднина“ – 2 лица. Потребно е високо образование од соодветен профил и важечка лиценца или сертификат за воспитувач издаден од надлежната комисија.
- Неговател/ка во ЈОУДГ „Наша Иднина“ – 4 лица. Потребно е средно образование од соодветен профил и лиценца или сертификат за неговател издаден од надлежната комисија.
- Неговател/ка во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ – 5 лица. Кандидатите треба да имаат најмалку основно образование и сертификат за неговател на стари и изнемоштени лица или сертификат за давање социјална услуга.
- Неговател/ка во Дневниот центар за лица со церебрална парализа – 2 лица. Потребно е завршено средно образование и сертификат или лиценца за работа со лица со попреченост.
- Психолог за поддршка на лица со церебрална парализа – 1 лице. Потребно е високо образование од областа на психологијата и сертификат или лиценца за работа со лица со попреченост.
За сите работни позиции се прифаќаат кандидати со или без работно искуство, но задолжително е поседување на соодветните сертификати, лиценци или уверенија предвидени за конкретната дејност. Кандидатите треба да бидат активни баратели на работа и евидентирани во Агенцијата за вработување.
Право на учество имаат сите евидентирани невработени лица, а предност ќе имаат оние кои за првпат се вклучуваат во Програмата „Општинско-корисна работа“.
Заинтересираните кандидати можат да поднесат пријава во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија – Центар за вработување Прилеп, во периодот од 23 до 30 ноември 2026 година, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот.
Од Општина Прилеп информираат дека поконкретните услови, права и обврски на избраните кандидати ќе бидат регулирани со договор склучен меѓу Општината и лицата кои ќе бидат избрани.
Програмата има за цел да им овозможи на невработените лица стекнување работни вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот, а истовремено да придонесе за подобрување на услугите и поддршката за децата, старите лица и лицата со попреченост во заедницата.
Целосниот јавен повик, со сите услови и потребни квалификации, е достапен на официјалната веб-страница на Општина Прилеп: Официјален јавен повик – Општина Прилеп


