Гранати стари повеќе од еден век пронајдени кај Алинци!
Пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување ги подигнале двете неексплодирани минофрлачки гранати од 75 милиметри од месноста Каракли. Од ДЗС апелираат до граѓаните да не ги допираат ваквите пронајдоци, туку веднаш да ги пријават на 112 или 192.
Две неексплодирани минофрлачки гранати со калибар од 75 милиметри, кои потекнуваат од Првата светска војна, беа безбедно отстранети од месноста Каракли, во близина на селото Алинци, во Општина Прилеп. Гранатите биле пронајдени на локација каде што се изведуваат градежни работи за изградба на автопатот Битола – Прилеп.
Интервенцијата ја извршил пиротехничарот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорѓи Стефанов, кој согласно стандардните оперативни процедури за постапување со неексплодирани убојни средства (НУС), ги подигнал гранатите вчера попладне и ги складирал на безбедно место. Нивното уништување ќе биде извршено плански, на соодветен полигон.
Од ДЗС информираат дека по пронаоѓањето, местото најпрво било обележано, а потоа било извршено стручно проверување на локацијата и нејзината непосредна околина, со цел да се утврди дали има и други заостанати неексплодирани убојни средства.
Од институцијата упатуваат апел до граѓаните да бидат особено внимателни доколку наидат на сомнителни предмети за кои постои сомневање дека се неексплодирани експлозивни средства.
„Строго е забрането нивно допирање, поместување или какво било манипулирање“, предупредуваат од ДЗС.
Пронајдените средства треба веднаш да се пријават на бесплатниот Единствен повикувачки број за итни случаи 112 или во најблиската полициска станица, на телефонскиот број 192. По обезбедувањето на локацијата, нивното безбедно подигање и уништување го вршат исклучиво овластени пиротехничари.
Инаку, неексплодираните убојни средства од Првата светска војна не се реткост на територијата на Македонија, особено во регионите каде што се протегал Македонскиот, односно Солунскиот фронт.
Ваквите опасни остатоци од воените дејствија најчесто се пронаоѓаат при земјоделски активности, градежни работи, ископи, но и за време на прошетки во природа. Токму затоа, надлежните апелираат на внимателност и навремено пријавување на секој сомнителен пронајдок, со цел да се спречат несакани последици и да се заштитат човечките животи.


