Китановски: Водата во Прилеп ќе поскапи за 30 отсто
Советникот на СДСМ во Советот на Општина Прилеп, Александар Китановски, обвинува дека локалната власт подготвува поскапување на водата за 30 проценти, додека ЈКП „Водовод и канализација“ се соочува со сериозни финансиски проблеми.
Водата во Прилеп ќе поскапи за 30 проценти, обвинува советникот на СДСМ, Александар Китановски, во своето соопштение до јавноста, оценувајќи дека граѓаните повторно ќе ги плаќаат последиците од, како што вели, лошото управување со локалното јавно претпријатие.
Китановски посочува дека проблемите со водоснабдувањето во градот стануваат сè поизразени, особено во повисоките делови на Прилеп, каде што подолг период има намален притисок на водата. Состојбата, според него, дополнително се влошила вчера, кога голем дел од градот останал без вода поради дефект на водоводната мрежа.
Тој ја критикува работата на менаџерскиот тим на ЈКП „Водовод и канализација“, тврдејќи дека претпријатието во изминатите пет години од профитабилно јавно претпријатие било доведено во тешка финансиска состојба, со неплатени обврски од над 700.000 евра.
Според Китановски, за ваквата состојба одговорност сносат раководните кадри назначени од ДПМНЕ, а последиците од нивното работење ги чувствуваат граѓаните.
Посебно реагира на најавеното зголемување на цената на водата за 30 проценти, за кое тврди дека локалната власт и раководството на претпријатието не ја информираат јавноста.
„Наместо најавеното намалување на сметките за вода, прилепчани ќе се соочат со поскапување од 30 проценти“, е пораката што Китановски ја упатува во својата реакција.
Советникот на СДСМ ги прозива градоначалникот Дејан Проданоски и директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Ѓоко Јочкоски, да ја информираат јавноста дали се подготвува вакво поскапување и кои се причините за него.
Од локалната самоуправа и од раководството на претпријатието се очекува одговор на обвинувањата и појаснување дали навистина се планира зголемување на цената на водата за 30 проценти.


