Започна распределбата на „зелената нафта“: За земјоделците обезбедени 584 милиони денари

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна со распределбата на картичките за „зелена нафта“ за земјоделците. Годинава се обезбедени 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра, а подготвени се вкупно 48.037 картички.

Првите картички беа доделени во Свети Николе, а распределбата продолжи во Битола. Од Министерството посочуваат дека поддршката пристигнува во период кога земјоделците имаат зголемени трошоци за есенската обработка на земјоделските површини, сеидбата, набавката на семенски материјал и ѓубрива, како и за одржување на механизацијата.

Висината на поддршката се определува според површините и културите што земјоделците ги пријавиле во барањата за директни плаќања за 2025 година. Финансиската помош се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар.

За житните култури, меѓу кои пченицата, јачменот, пченката и оризот, се предвидени 3.200 денари по хектар. За сончоглед, маслодајна репка, луцерка и други култури од оваа категорија поддршката изнесува 4.800 денари по хектар.

За градинарските култури опфатени со мерката и за лозовите насади се исплаќаат 9.600 денари по хектар. Највисокиот износ, од 12.000 денари по хектар, е предвиден за јаболко, круша, слива, праска и други овошни култури од соодветната категорија.

Дополнително, за дуња, калинка, бадем, лешник и сродни култури поддршката изнесува 8.800 денари по хектар, за тутунот 11.000 денари, а за оревите и питомите костени 6.000 денари по хектар.

Од Министерството велат дека целта на мерката е да им се олеснат тековните трошоци на земјоделците во период кога расходите се зголемени, а приходите од земјоделското производство пристигнуваат подоцна.

Во Свети Николе се доделуваат првите од вкупно 1.900 картички, со вкупна вредност од повеќе од 38,2 милиони денари. Во Битола се подготвени 3.858 картички, чија вкупна вредност е околу 57,5 милиони денари.

Мерката се реализира во рамки на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година.

Во рамки на посетата на Битола, министерот за земјоделство Борче Серафимовски се сретна и со пелагониски пчелари. На средбата било соопштено дека се подготвени налозите за исплата на субвенциите за пчеларите и дека исплатата се очекува да се реализира во најбрз можен рок.

Од Министерството информираат дека се следи состојбата во пчеларството, особено по најавите за намалени приноси на мед годинава. Најавена е и активност за брендирање и промоција на македонскиот, односно мариовскиот мед, со цел да се истакнат неговото потекло и квалитет.

Слични Објави