Витаминка преку музички претстави ги учеше децата на општествени вредности
Со завршната претстава во Прилеп, градот каде што е седиштето на компанијата, се комплетираше едукативната мисија на караванот на Витаминка, кој низ неколкумесечната турнеја посети предучилишни установи низ целата држава. Преку интерактивни музички претстави, повеќе од 22 000 деца имаа можност да научат за другарството, емпатијата и почитта кон различностите.
Оваа иницијатива имаше за цел да ги поттикне најмладите на меѓусебно разбирање, препознавање и вреднување на разликите, како и градење доверба и општествена одговорност. Големиот интерес од страна на воспитувачите, педагошките кадри и родителите ја потврди потребата од ваков тип на едукација, при што многу од претставите беа организирани и двојазично – на македонски и албански јазик.
„Со гордост можеме да кажеме дека преку караванот на Витаминка успеавме да допреме до над 22 000 деца ширум државата, носејќи им вредни лекции за другарството, емпатијата и почитта. Нашата мисија беше да ја поттикнеме свеста за важноста на општествените вредности на забавен и интерактивен начин. Огромниот интерес од градинките, воспитувачите и родителите покажува дека сме на вистинскиот пат. Витаминка останува посветена на градењето на подобро општество преку поддршка на иницијативи што ги обликуваат идните генерации“, истакна Симона Симоновска, шеф на маркетинг во Витаминка.
Со оваа активност, Витаминка уште еднаш покажа дека вложувањето во образованието и градењето на вистински вредности кај најмладите е клучно за создавање подобра иднина.