Младите го кршат молкот: Отворен разговор за менталното здравје
По повод Светскиот ден на менталното здравје, во библиотеката „Борка Талеска“ се одржа настан под мотото „Изрази се – младите го кршат молкот“, посветен на менталното здравје на младите и предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат.
Целта на настанот беше да се создаде безбеден и отворен простор во кој младите ќе можат слободно да зборуваат за своите чувства, стравови и проблеми, но и да добијат информации за тоа како да препознаат кога им е потребна помош и каде можат да ја побараат.
Како појдовна точка за разговорот послужија резултатите од анонимна анкета спроведена меѓу средношколците. Преку анкетата беа издвоени теми како стресот, анксиозноста, училишните обврски и притисоци, очекувањата од семејството и околината, врсничките односи, социјалните медиуми и неизвесноста поврзана со иднината.
За овие прашања со младите разговараа д-р Гордана Катова Јаневска, психологот Маја Димоска Јандреска, Елеонора Костоска Јованоска, претставник од локалната самоуправа, и Михаил Ангелески, студент и поранешен ученик на СОУ „Ѓорче Петров“. Тие споделија стручни сознанија, искуства и совети, при што посебен акцент беше ставен на важноста од навремено препознавање на психичките тешкотии и барање поддршка.
Настанот им овозможи на учениците не само да слушаат, туку и активно да учествуваат. Своите размислувања и чувства тие ги изразија и преку ликовни творби во кои ги претставија анксиозноста, притисокот од училиштето, семејството и врсниците, влијанието на социјалните мрежи, но и позитивните начини за справување со секојдневните предизвици.
Организаторите порачаа дека резултатите од една анкета не треба да се гледаат само како бројки, бидејќи зад секој одговор стои млад човек со свои чувства, грижи и потреби.
За реализацијата на настанот упатена беше благодарност до директорката на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, Жанета Видевска, за поддршката, како и до говорниците, учениците, родителите, наставниците и сите присутни кои придонесоа разговорот за менталното здравје да биде отворен и искрен.
Пораката од настанот е едноставна, но значајна: да зборуваме, да слушаме и да не осудуваме, бидејќи понекогаш токму разговорот може да биде првиот чекор кон помош.
Мотото „Изрази се – младите го кршат молкот“ уште еднаш потсети дека за менталното здравје треба да се зборува отворено, а гласот на младите да се слушне и да се сфати сериозно.


