Виш јавен обвинител од Прилеп осомничен за влијание врз обвинители и судии
Виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола е лишен од слобода и осомничен за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Станува збор за П.В. (61) од Прилеп, против кого Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи поднел кривична пријава до ОЈО ГОКК.
Според информациите од Обвинителството, во текот на претходниот период биле преземени повеќе дејствија, а биле применети и посебни истражни мерки со кои биле обезбедени докази што упатуваат на основано сомнение дека осомничениот ја искористил својата службена положба и реалното влијание за да влијае врз одлучувањето на други јавни обвинители и судии.
Од ОЈО ГОКК посочуваат дека сомнението се однесува на најмалку четири одделни предмети. Според досега обезбедените сознанија, осомничениот влијаел врз постапувањето на други носители на правосудни функции со цел за определени осомничени или обвинети лица да се обезбеди поповолна положба или да бидат изречени поблаги казни.
Во рамки на постапката, на 6 октомври биле извршени претреси во домот на осомничениот во Прилеп, како и во службените простории што ги користи во Вишото јавно обвинителство Битола. Претресите биле извршени врз основа на судски наредби, со цел обезбедување дополнителни докази поврзани со предметот.
При претресите, според МВР, биле одземени шест мобилни телефони, еден USB-уред и еден персонален компјутер. Одземените предмети треба да бидат предмет на дополнително вештачење и анализа во рамките на постапката.
По лишувањето од слобода, осомничениот бил изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. По предлог на ОЈО ГОКК, судот определил мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности.
Одлуката подлежи на право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.


