Во прилепската болница – Експерти од три држави споделија знаења за реанимација, интубација и спасување животи

Практична обука за реанимација, интубација и третман на критични состојби, но и донација на три AMBU-сета – прилепските здравствени работници со нови знаења и опрема

Современите протоколи во итната медицина, практичните техники за спасување животи и размената на искуства беа во фокусот на стручната средба што се одржа во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ во Прилеп.

Медицински професионалци од Македонија, Босна и Херцеговина и Србија на едно место ги споделија своите знаења и искуства, со единствена цел – подобра и побрза реакција кога секоја секунда е пресудна.

Во прилепската болница предавања и практични работилници одржаа м-р Мујо Субашиќ и м-р Елведин Зукиќ од ЈУ Завод за итна медицинска помош на Кантонот Сараево „Примариус д-р Силва Ризванбеговиќ“.

Обуката опфати низа клучни постапки од итната медицина – од кардиопулмонална реанимација (BLS) кај возрасни и доенчиња, преку справување со блокирани дишни патишта поради туѓо тело, до напредно обезбедување на дишните патишта со супраглотични уреди и ендотрахеална интубација.

Особено внимание било посветено и на интраосеалната администрација на лекови, како и на препознавањето и третманот на шокирачки и нешокирачки срцеви ритми.

Но, средбата не заврши само со теорија.

Прилепската болница доби и донација од три AMBU-сета – два за возрасни и еден педијатриски, опрема која ќе биде корисна како во секојдневната работа, така и во понатамошната практична едукација на медицинскиот персонал.

Поддршка за стручната средба била обезбедена и од УХМТФБИХ, како и од директорката на Заводот за итна медицинска помош, д-р Јасна Хусеинбеговиќ Мусиќ.

Средбата имаше и поширока регионална димензија. Меѓу гостите беа и искусни медицински сестри и специјалисти од Србија – Раденка Чираковиќ, Душица Биоушанин, Живка Маџиќ и Светлана Цветковиќ, кои доаѓаат од здравствени установи и професионални здруженија во Лозница и Белград.

Од прилепската болница велат дека ваквата соработка е важна не само за размена на знаења, туку и за создавање трајни професионални врски со здравствените установи од регионот.

Кога станува збор за итната медицина, знаењето мора постојано да се надградува, а практичната подготвеност да биде на највисоко ниво. Токму во таа насока, стручните средби и практичните обуки се еден од клучните начини за унапредување на квалитетот на здравствената заштита.

Од прилепската болница најавуваат дека оваа соработка треба да биде основа за нови заеднички едукативни активности и продлабочување на професионалната соработка со колегите од регионот.

Слични Објави