„Животинска фарма“ – нова претстава на прилепскиот Театар „Војдан Чернорински“
Театарот „Војдан Чернорински“ при Н.У. Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп ја подготвува претставата „Животинска фарма“, инспирирана од култното дело на Џорџ Орвел.
Режијата е на Ќендрим Ријани, а драматизацијата ја потпишуваат Лидија Митоска-Ѓорѓиевска и Ќендрим Ријани. Асистент на режија е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, додека музиката ја подготви Томе Темелкоски.
Во претставата настапуваат Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска-Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.
Претставата ја пренесува познатата Орвелова приказна во современ контекст, отворајќи прашања за моќта, контролата, манипулацијата, политичкиот јазик и човечката подложност на измама.
Преку приказната за животните кои се обидуваат да создадат подобро и поправедно општество, претставата го поставува прашањето што се случува кога идеалите ќе бидат потиснати од желбата за власт. Она што започнува како борба за еднаквост и слобода постепено се претвора во нов облик на потчинетост.
„Животинска фарма“ потсетува дека вистината може да се изврти, фактите да се приспособат, а ветувањата да станат алатка за контрола. Токму затоа Орвеловото дело и денес останува актуелно и препознатливо.
Со оваа постановка, прилепскиот Театар „Војдан Чернорински“ уште еднаш отвора простор за современо читање на класичните дела и за преиспитување на општеството низ јазикот на театарот.


